Едукација за пациенти, За ваше добро здравје, Мускули и коски

Остеоартритис

Остеоартритисот, понекогаш наречен дегенеративен артритис, дегенеративна болест на зглобовите , претставува речиси половина од сите видови артритис и се карактеризира со уништување на зглобната ‘рскавица.

‘Рскавицата е дел од зглобот што ги покрива краевите на коските. Уништувањето на ‘рскавицата предизвикува триење на коските една со друга, предизвикувајќи болка и тешкотии во движењето. Во многу случаи, коскени израстоци , може да се развијат во остеартритични зглобови. Постојат многу фактори кои предизвикуваат остеоартритис. Иако возраста е фактор на ризик, истражувањата покажаа дека оваа болест не е неизбежен дел од стареењето. Дебелината може да доведе до остеоартритис на колената. Исто така, лицата со спортски повреди, повреди поради работни активности и несреќи имаат зголемен ризик за развој на остеоартритис, а исто така и генетскиот фактор. Некои луѓе може да се родат со неисправна ‘рскавица или со мали дефекти во начинот на спојување на зглобовите. Како што старее лицето, овие дефекти може да предизвикаат рано уништување на ‘рскавицата во зглобот. Во процесот на уништување на ‘рскавицата може да дојде до воспаление со ослободување на ензими и поголемо оштетување на’ рскавицата.

Остеоартритисот најчесто ги погодува средовечните и постарите луѓе, а жените заболуваат почесто од мажите.

Симптоми

Симптоми кои може да укажуваат на остеоартритис се:
– болки во зглобовите за време или после движење
– непријатност во зглобот пред или за време на промената на времето
– оток и вкочанетост на зглобовите, особено по движење
– коскени испакнатини на средината или крајот на зглобовите или основата на палецот
– губење на флексибилноста на зглобовите

Акутната болка на раниот остеоартритис може да исчезне во самиот почеток, но може да се врати ако прекумерно го користите зафатениот зглоб. Ако не сте биле повредени или вашиот зглоб не бил под невообичаен стрес, невообичаено е остеоартритисот да влијае на вилицата, рамената, лактите, зглобовите или стапалата.

Остеоартритис се јавува на различни зглобови но најчесто на:

Прсти:

Во раните фази на болеста, зглобовите на прстите може да бидат чувствителни, болни и вкочанети. По 1 до 2 години, болката често се смирува, оставајќи само коскени испакнатини кои влијаат само на подвижноста на зглобовите и ги погодуваат жените почесто отколку мажите.

‘Рбет:

Бавното абење и кинење на дисковите помеѓу пршлените може да предизвика болка и вкочанетост во грбот и вратот.
Зглобови кои делуваат како потпора на тежината (колена, стапала):
Деловите од вашето тело кои го носат најголемиот дел од вашата тежина, колковите, колената и стапалата, се најподложни на остеоартритис. Како што ‘рскавицата полека се троши во текот на неколку години, може да развиете хронична болка или различни количини на непријатност при стоење или одење.

Може да се појави и оток, особено во колената.

Кои тестови може да се направат?

Дијагнозата може да се постави на основа на клинички преглед и присутните знаци и симптоми. За да се потврди дијагнозата се користи рендгенско снимање. Повеќето луѓе над 60 години ја покажуваат болеста на рендген, а една третина од нив имаат изразени симптоми.

Третман

Целите на третманот се да се намали болката, да се зголеми опсегот на движења, да се зголеми мускулната сила и да се подобри квалтетот на живот.

Постојат неколку видови на третман:

Лекови. Многу лекови без рецепт како серапептазе или нестероидни антиинфламаторни лекови, може да се користат за ефикасно контролирање на болката и воспалението од артритис.
Заштита на зглобовите. Различни ортопедски помагала како бастуни, патерици или протези може да помогнат во ублажување на стресот и напрегањето на зглобовите. Корисни можат да бидат и методите на учење за извршување на секојдневните активности кои помагаат одредени активности да бидат помалку стресни и болни за зглобовите. Одредени вежби и физикална терапија може и треба да се користат за да се намали вкочанетоста и да се зајакнат мускулите околу зглобовите.

Операција. Во принцип, ортопед ќе одлучи за операција кога другите методи на нехируршки третман не успеале. Лекарот и пациентот ќе го изберат типот на операција според видот на артритисот, неговата тежина и физичката состојба на пациентот.

Прогноза

Во моментов, повеќето видови на артритис не можат да се излечат. Научниците работат на истражување на најважните причини на различни видови на артритис, а во меѓувреме се развиваат и други ефективни начини за лекување на остеоартритис.

Во повеќето случаи, луѓето со артритис можат да продолжат со секојдневните активности. Програмите за вежбање, антиинфламаторните лекови и намалувањето на тежината се вообичаени мерки за намалување на болката, вкочанетоста и подобрување на функцијата. За луѓето со тешки случаи на артритис, ортопедската хирургија често може да обезбеди големо олеснување на болката и да ја врати изгубената функција на зглобовите. Вградувањето на тотална ендопротеза обично му овозможува на лицето со тежок артритис во колкот или коленото да оди без болка или вкочанетост.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *